Image8 Апр 2020

Подобрување на квалитетот на префабрикуваните бетонски елементи со примена на адитивите од АДИНГ

ПРЕПОРАКИ ЗА ПРОИЗВЕДУВАЧИТЕ НА ПРЕФАБРИКУВАНИ БЕТОНСКИ ЕЛЕМЕНТИ - „ПБЕ“ (павер елементи, бекатонски плочки, бетонски коцки - термини кои најчесто се користат за овој тип на градежни елементи). Истите се подеденакво важни и за купувачите - како да препознаат и одберат квалитетен тип на префабрикувани бетонски елементи - „ПБЕ“.

При производството на „ПБЕ”, главен фактор за квалитетот се опремата со која се произведува и материјалот кој се употребува во самиот процес. Изборот на опрема и материјалот за производство на готовиот производ, зависи од изборот на самиот произведувач. Самиот проект за бетонската мешавина, според која ќе се врши производството на „ПБЕ“, треба да биде издаден од акредитирана лабораторија која има овластување за издавање на сертификати за ваков тип на производен процес. Лабораторијата прави претходни испитувања на материјалите и според добиените резултати, со правилен распоред на компонентите да изготви проект за бетонската мешавина. Токму ваквиот проект е гаранција дека крајниот производ ќе ги задоволи сите потребни стандардни за квалитетно производство, на одреден тип на „ПБЕ“.

Централната акредитирана лабараторија (ЦЛА) е дел од Деловниот Систем на Адинг и е специјализирана за вршење на испитувања по акредитирани методи од четири области: БЕТОН, АГРЕГАТ, ЦЕМЕНТ и МАЛТЕР. Во неа се вршени голем број на испитувања, со цел зголемување на квалитетот на готовите префабрикувани елементи, а со употреба на соодветни адитиви. Исто така, направени се голем број на лабораториски и индустриски испитувања на лице место, кај производните компании кај нас и во странство и акумулирано е огромно искуство и знаења за оваа проблематика.

Како резултат на овие испитувања, докажано е дека со примена на соодветни адитиви, во значајна мера се зголемува квалитетот на „ПБЕ“. Нивната главна улога е максимално подобрување на формата, јакоста, водонепропустливоста, отпорноста и трајноста на елементот. Затоа нашата цел е да се помогне на произведувачите на овој тип на градежни производи околу изборот на адитиви. Овие информации се корисни и важни и за крајните купувачи, поради изборот на квалитетен „ПБЕ“. Со овој текст накратко ќе ги објасниме карактеристиките на самите адитиви, препораките околу дозирањето и ефектите кои се постигнуваат со нивното користење.

ЗА ПРОЦЕСОТ НА ПРОИЗВОСТВО НА „ПБЕ“

Процесот на производство најчесто се врши во две постапки:
Со машини кои со помош на вибро платформи под висок притисок, во калапи со посакувана форма, ја формираат свежата земно-влажна бетонска мешавина во посакуваната форма на готовиот елемент. Во составот на првиот-долен слој се користи мешавина од крупнозрнест агрегат и цемент, додека пак во вториот-горен слој се користи мешавина со ситнозрнест агрегат и цемент. За подобрување на квалитетот на готовите „ПБЕ“, се препорачуваат два типа на адитви кои одделно се дозираат во долниот и горниот слој. Доколку процесот на производство се одвива само со една постапка, во еден слој, во тој случај и дозирањето на двата адитива се врши во една постапка.
Процесот на производство започнува со вградување на долниот-прв слој од бетонската мешавина, кој е составен од мешавина на крупнозрнест агрет и цемент. За овој дел од процесот се препорачува адитивот АДИНГПАВЕР. Овој тип на адитив се користи кај бетонски мешавини со екстремно низок водоцементен фактор – земно влажни бетони (S1 Класа), чие вградување се врши исклучиво по машински пат со пресување и вибрирање.

Главната функција на АДИНПГАВЕР е да го обезбеди постигнувањето на максималниот ефект од пресувањето на префабрикуваниот елемент, така што кај финалниот производ ќе се добие:

- поголема збиеност;

- поголема водонепропустливост;

- поголеми јакосни карактеристики.

Овој адитив во самиот процес на формирање на долниот слој делува како “лубрикант” кој овозможува постигнување на максимална збиеност помеѓу компонентите од бетонската мешавина, а со тоа придонесува до зголемување на претходно споменатите карактеристики, како и добивање на идеално рамни и мазни површини.

АДИНГПАВЕР игра голема улога во зголемување на:

- отпорноста на елементите од атмосферски влијанија;

- поголема отпорност на мраз, соли за размрнување и други хемиски агресии.

Од испитувањата вршени во лабораторијата во Адинг, јакоста на притисок на префабрикуваните елементи кај кои е користен адитивот АДИНГПАВЕР, се зголемува и до 12%. Оптималното дозирање на овој адитив се движи во границите од 0,5% до 1,5% тежински, во однос на вкупната цементна маса на бетонската мешавина, во слојот во кој се вградува. При дозирање на адитивот треба да се изврши намалување на проектната количина на вода која е пропишана во рецептурата, а намалувањето се движи во граници од 6-12%, зависно од процентот на дозирање на адитивот.

Дозирањето на адитивот се врши во самиот процес на мешање на бетонската мешавина, а најголем ефект се постигнува доколку неговото дозирање се врши по дозирање на најмалку 80% од количината на предвидената вода од бетонската мешавина. Се препорачува времето на мешање на бетонската мешавина со додаток на адитив да биде зголемено за 50% повеќе од предвиденото. При дозирање на адитвот неопходно е да се почитуваат пропишаните граници на дозирање, бидејќи со преголемо дозирање на адитивот може да дојде до несакано зголемување на количеството на вовлечен воздух (пори) во самата бетонска мешавина.

Процесот на производство, продолжува со вградување на вториот-горен слој од префабрикуваниот елелемент. Како и во претходниот циклус, вградувањето се врши со машинско пресување и вибрирање на бетонската мешавина, која е составена од агрегат со ситна гранулација (во некои случаи дополнително се користи и колорант) и цемент. За овој процес се препорачува адитивот ХИДРОФОБ 21.

Главната функција на овој адитив е да ја спречи капиларната апсорпција на вода и формира водо-одбојна површина на префабрикуваниот бетонски елемент, правејќи го истиот водонепропустлив. Со самиот ефект на водонепропустливост, со примена на адитвот ХИДРОФОБ 21 автоматски се зголемува трајноста и отпорноста на префабрикуваните елементи, посебно елементите кои се изложени на променливи атмосферски влијанија, мраз, агресии од сол и хемиски влијанија.

Слики: Ефект од користење на адитиви

Со примената на овој адитив се избегнува појавата на бели флеки на површината на префабрикатот, кое најчесто се појавува кај производите добиени без употреба на адитиви. ХИДРОФОБ 21 се дозира во самиот процес на мешање, по дозирање на 80% од предвидената вода во бетонската мешавина. Оптималното дозирање на адитивот се движи во граници од 0,2 до 0,7% тежински, во однос на вкупната цементна маса на бетонската мешавина, во слојот во кој се вградува. Како и во претходниот процес, се препорачува времето на мешање да биде зголемено за 50% повеќе од предвиденото. Кај готовите елементи, кај кои е користен адитивот ХИДРОФОБ 21 во вториот слој, дозволено е и не постои никакво ограничување во однос на нанесување на секундарни заштитни и декоративни премази на површината.

*ЗАКЛУЧОК: Квалитетот на готовите префабрикувани елементи ќе биде идентичен, доколку се произведуваат според контролиран производен процес и контролиран состав на бетонската мешавина. Поради контролираната и ограничена максимална употреба на компонентите од бетонската мешавина, подобрувањата на квалитетот се можни само со употреба на адитиви кои ги зголемуваат параметрите за да се подобри квалитетот на готовиот префабрикуван елемент.

Подготвил: М-р Дамчевски Бојан дипл.град.инж.