Image3 Јул 2017

Хидроизолација на санитарни јазли

Кај просториите, кои имаат директен контакт со вода и влага (бањи, санитарии, кујни) функционалноста и одржувањето се примарни за здрав и нормален живот. Поради тоа нивната изведба, санација и реконструкција бараат посебно внимание и прецизност.

Проблемите кои се јавуваат кај нив не претставуваат само функционален и естетски проблем на корисниците на објектите, туку истите прават оштетувања и на конструкцијата на објектот, ѕидовите и подовите. 

Правилната изведба на хидроизолациите кај овие простори е неопходна. Таа ќе обезбеди непречена употреба на објектите, полесно одржување и санација при дефект на инсталациите. При тоа, важно е да се предвиди добро техничко решение, каде правилниот избор, употреба и вградување на материјалите се приоритет.

ХИДРОИЗОЛАЦИЈА

Изведбата на хидроизолација подразбира изведба на систем, кој ќе обезбеди потполна изолација на просторот (подот и ѕидовите) од вода и влага. За таа цел покрај апликацијата на хидроизолациониот слој, неопходно е да се обезбедат сите критични споеви, продори на инсталациите и дилатациите. Доколку овој принцип не е доследно почитуван, голема е веројатноста за време на употребата на просторот да се појави протекување.

ПРОБЛЕМИ / ПРИЧИНИ ЗА ПРОТЕКУВАЊЕ

Најчести причини за протекување на санитариите и бањите се:

  1. Отсуство на хидроизолација

  2. Несоодветно изведена или оштетена хидроизолација

  3. Необезбедени споеви помеѓу подот и ѕидовите

  4. Необезбедени продори на инсталациите

РЕШЕНИЈА

За да се избегне протекувањето и сите проблеми кои ги носи тоа, се препорачува навремена, планска и прецизна изведба на хидроизолација во сите простори, каде има водоводни инсталации и контакт со вода и влага.

ИЗВЕДБА НА ХИДРОИЗОЛАЦИЈА

ПОДЛОГА

Просторот, кој треба да се хидроизолира потребно е да има добро решение за одводнување и изведена цементна кошулка со падови кон одводното место. Цементната кошулка со падови треба да е изработена од квалитетно изработен и вграден цементен малтер, со цел да се овозможи компактна подлога за изведба на хидроизолацијата. Кај големи простори потребно е подлогата за изведба на хидроизолација да се подели на работни полиња од 9-12m², а работните фуги да се исполнат со еластичен кит АДИНГАКРИЛ.
За успешна изведба на хидроизолацијата, потребно е површината на подот и ѕидовите да биде здрава, чиста, без лабилни делови, маснотии и прашина. Хидроизолацијата треба да се изведе на целата подна површина и околните ѕидови (како базен или када).

Доколку се работи за реконструкција или санација, потребно е да се отстранат сите лабилни делови и конструкцијата да се исчисти од сите нечистотии и прашина. Кај конструкциите со сегрегации или пукнатини, потребно е тие да се санираат.
Пукнатините на подлогата се отвораат по должина во форма на шлиц со широчина од 0,7-1,0 cm. По отварањето се чистат од прашина, се влажнат со вода и се исполнуваат со цементно - полимерен малтер за репарации РЕПАРАТУР МАЛТЕР Ф. Завршно врз обработената пукнатина, на сува и обезпрашена подлога, се поставува АДИНГ самолеплива бутилна трака или обработената пукнатина по должина се премачкува со еластичен кит АДИНГАКРИЛ.

ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА КРИТИЧНИТЕ СПОЕВИ

Пред да се започне нанесувањето на хидроизолацијата, потребно е да се обезбеди од вода спојот на подлогата со сифонот, како и продорите на сите инсталации кои продираат низ подот. За таа цел се отвора шлиц околу нив со димензија од 0,5-0,7cm, потоа се чисти по сува постапка и се обезпрашува. Завршно се исполнува со еластичен кит АДИНГАКРИЛ.

Покрај продорите на инсталациите, потребно е да се обработат и аглите (споевите на подот и ѕидовите).

Оваа позиција може да се обработи со: поставување на самолеплива Адинг бутилна трака помеѓу првиот и вториот слој од ХИДРОМАЛ ФЛЕКС, така што траката станува интегрален дел од системот, или со
завршно премачкување на спојот со АДИНГАКРИЛ по изведбата и потполното сушење на последниот слој од ХИДРОМАЛ ФЛЕКС.

ХИДРОИЗОЛАЦИЈА НА ЦЕМЕНТНО-ПОЛИМЕРНА ОСНОВА - ХИДРОМАЛ ФЛЕКС

При избор на материјалите за изведба, потребно е да се набават соодветни и квалитетни материјали. За изведба на хидроизолацијата во санитарните јазли, се користи еластична хидроизолација на цементно - полимерна основа ХИДРОМАЛ ФЛЕКС (EN 1504-2), која се нанесува едноставно со премачкување, ги премостува микропукнатините, се нанесува на влажна подлога и овозможува директно лепење на керамички плочки врз неа. Овие карактеристики ја прават одлична за изведба на реконструкции и санации.

ХИДРОМАЛ ФЛЕКС како премаз по нанесувањето е неразделен дел од подлогата, на која е нанесен и не може да се одлепи од неа или да формира проблематичен простор, каде ќе се собира вода. Компатибилноста на системот од цементна подлога, хидроизолација на цементно-полимерна основа, водонепропусно лепило за плочки на цементна основа и цементна фуга, како слоеви, кои го дополнуваат хидроизлациониот систем е значајна за заштита и дополнување на евентуалните недостатоци, кои можат да се појават при експлотацијата на санитариите.

Подлога за изведба на хидроизолацијата од ХИДРОМАЛ ФЛЕКС може да биде бетон, цементен малтер, камен и гипс картонски плочи. Таа треба да биде здрава, чиста, цврста, без лабилни делови, маснотии и прашина.
Подготовката на материјалот е со мешање на компонентите А и Б во однос 1:1 со електричен бавен мешач со мал број на вртежи се до потполно воедначување на смесата. Нанесувањето е со четка или крзнен ваљак во три слоја. Слоевите од ХИДРОМАЛ ФЛЕКС се нанесуваат врз сув претходен слој, а нанесувањето е нормално - под 90˚С во однос на нанесувањето на претходниот. Споевите и аглите помеѓу подот и ѕидовите, како и помеѓу ѕидовите меѓусебно потребно е да се обезбедат со самолеплива АДИНГ бутилна бандаж трака. со минимална широчина од 10cm, поставена помеѓу првиот и вториот слој на хидроизолацијата. Вградувањето на бандаж траката е на сува и обезпрашена подлога со втиснување на траката со помош на ваљак.
Доколку настане механичко оштетување на изведената површина со ХИДРОМАЛ ФЛЕКС, возможна е едноставна корекција со повторно премачкување на површината.

ЗАВРШНА ОБРАБОТКА

Пред да се продолжи со изведбата на завршната обработка, потребно е да се провери дали изведбата на хидроизолациониот систем е успешна, односно дали постои протекување. Кога ќе се докаже дека се е во ред, се продолжува со изведбата на завршна обработка од керамички плочки. Лепењето на плочките е со водонепропусно лепило ХИДРОКОЛ С директно врз хидроизолацијата од ХИДРОМАЛ ФЛЕКС. Нанесувањето на лепилото е со назабена глетарка, по целата површина што треба да се поплочи. На тој начин се обезбедува подобро лепење и налегнување на плочката на подлогата (со целата нејзина површина), а истовремено и просторот под плочките се обезбедува од вода, развој на габи и други штетни влијанија, кои предизвикуваат непријатни мириси. По 24 часа од вградувањето (лепењето) на плочките, тие се фугираат со водонепропусна смеса за фугирање ФУГОФИЛ, која заедно со плочките ќе формира уште една заштита во хидроизолациониот систем.

Кај големи простори и кај дилатации каде подлогата за изведба на хидроизолација има изведени работни фуги, потребно е истите да се пресликаат и на поплочената површина, а фугите помеѓу да се исполнат со еластичен кит АДИНГАКРИЛ. Истиот начин на китирање може да се примени и како дополнителна заштита кај критичните споеви. 

СОВЕТ

Изведбата на хидроизолационен систем во просториите изложени на вода и влага во фаза на градба на објектот е неопходно за да се обезбеди здрав и функционален простор. Системот треба да се изведе плански, прецизно и при тоа да се вградат квалитетни и соодветни материјали. Постапноста и технологијата на вградување се неопходни за успешна, долготрајна и здрава употреба на објектите. Во спротивно добиваме нефункционални објекти мислејќи дека се прави финансиска заштеда. Дополнителното изведување на хидироизолација го поскапува објектот и често е присутен ризикот технички да не може да се изведе друго решение.

Подготвил: Марија Гиновска д.и.а.